Ракометната репрезентација на Македонија денеска (17.30 часот) ќе одигра пријателски натпревар со Русија, единствена контрола што Раул Гонзалес и неговите избраници ќе ја имаат за оваа ЕХФ-недела. Дуелот ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во 17.30 часот, но на барање на рускиот селектор Кокшаров ќе биде без присуство на публика и новинари.
Селекторот Гонзалес во изминатите денови на тренинзи имаше поширок ростер, се со цел да им даде шанса за докажување и на оние ракометари кои досега не го носеле репрезентативниот дрес. Голем дел од нив ќе настапат и на денешниот натпревар, на кој Македонија ќе биде дополнително ослабена со неиграњето на Кире Лазаров и Стојанче Стоилов. Згора на тоа, неизвесен е и настапот на Борко Ристовски, кој пред неколку дена доби принова во семејството.
„Сметам дека ние треба да играме се подобро од средба во средба, а за тоа да се случи треба и добро да се тренира, да се играат многу натпревари. Веќе почнавме со анализата на Романија како наш следен ривал во баражот. Има многу време дотогаш, но ние веќе ги анализираме нивните ракометари и сигурно ќе подготвиме соодветна тактика. Имаме мали измени во составот во однос на ЕП во Хрватска, да им дадеме шансите на помладите, за да се снајдеме подобро во ситуација како онаа на ЕП во Вараждин и повредата на Кире Лазаров. Младите можат да напредуваат само со играње, пријателските натпревари одлично служат за тие работи“ – изјави Гонзалес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА