Перфекција на Фетел и нова радост за Ферари

Себастијан Фетел е победникот и на втората трка од Формула 1 шампионатот, што попладнево се возеше во Бахраин. Германецот извозе перфектно на патеката, успевајќи да ги сочува гумите откако се најде во несакана ситуација, па на крајот и го издржа финалниот налет на Валтери Ботас во последниот круг. Огромна е радоста и меѓу фановите на Ферари, со оглед на фактот дека ова е првпат по 2004 година италијанскиот тим да стартува една сезона со две победи.

Финецот Ботас на Мерцедес при самиот старт го мина Кими Раиконен на второто место, додека Хамилтон за момент падна од деветтата на единаесеттата позиција. Стартот беше кобен за Ред бул, откако Рикиардо се откажа во вториот круг поради проблем со болидот, а Ферстапен при еден допир со Хамилтон се здоби со дупната гума, губејќи ги шансите за добар пласман на оваа трка.

Највозбудлив момент дефинитивно беше инцидентот од 36. круг, кога Кими Раиконен при обид да излезе од пит-стоп направи сериозен инцидент прегазувајќи еден од механичарите на Ферари. Не само што Раиконен не можеше да ја продолжи трката, туку и придонесе Ферари да се сврти кон „план Б“, како што му соопштија од италијанскиот тим на Фетел. Ова значеше дека Германецот нема по вторпат да влегува во „бокс“, туку ќе мора до самиот крај да се грижи за гумите што ги имаше во тој момент.

Предноста на Фетел се топеше, Ботас доаѓаше се поблизу, а кулминацијата се случи во последниоот круг. Финскиот возач тргна во офанзива, но не успеа да го мине Германецот, кој го задржа првото место и во голем стил стигна до победата. Луис Хамилтон на крајот мораше да се задоволи само со третата позиција, пред Гасли, Магнусен, Хулкенберг, Алонсо, Вандорн, Ериксон и Окон.

Се вчитува...