По втората победа во втората трка од новата сезона во Формула 1, Себастијан Фетел откри и некои детали од она што се случувало во тимот на Ферари на патеката во Бахреин. Фетел стартуваше од пол позицијата и направи една замена на гумите. Но, Германецот откри дека возел под силен притисок и мислел дека нема да успее.
„Мислам дека на десет круга пред крај преку радиото и реков на екипата дека се држам под контрола. Тоа беше лага. Ништо не контролирав. Кога ми го кажаа резултатот на Ботас, мислем дека нема да успеам. Пресметав и помислив дека ќе ме стигне. Мерцедес беше на потврди гуми и не мораа да одат во боксот. Тоа беше добра стратегија, не ставија под огромен притисок. Но, победата е послатка кога е остварена во такви околности“ – изјави Себастијан Фетел.
Механичарите на неговиот болид ставија меки гуми, што значеше дека до крајот на трката ќе мора уште еднаш да влезе во боксот, но Фетел ги издржа дуелите со Ботас и со истроѓени гуми стигна до победа.
„Мерцедес беше силен, мислев дека нема да победам затоа што ние моравме уште еднаш да влеземе во боксот. После тоа ја сменивме тактиката, ги чував гумите колку што можев. Тоа успеа, едвај“ – истакнува Германецот.
На крајот, двајцата возачи на Мерцедес, Валтери Ботас и Луис Хамилтон завршија на втората и на третата позиција. Британецот поради казна стартуваше од деветатат позиција и сепак стигна до подиумот, но актуелниот шампион сепак, упати критика за боксот на Мерцедес.
„Се обидував да разговарам со нив во одредени моменти. Комуникацијата е исклучително тешка кога се обидуваш да го стигнеш Себастијан Фетел кој е пред тебе со 25 секунди, треба добро да знаеш што правиш, а да не ги уништиш своите гуми за да можеш да стигнеш до крај. Фрустрирачки е кога нема да добиеш повратни информации од боксот“ – се пожали Луис Хамилтон.
Следната трка во Ф1 шампионатот ќе се вози на 15 април за ГН на Кина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА