Јагањац од Металург пред потпис со Загреб

Халил Јагањац по одличните настапи во дресот на Металург на крајот од сезонава ќе си замине од Автокоманда и својата кариера ќе ја продолжи во Загреб. Талентираниот лев бек ги оправда очекувањата со низата одлични игри во дресот на „металурзите“ откако стана најдобар стрелец на СЕХА-лигата, а челниците на хрватскиот шампион на денешната прес-конференција обелоденија дека сите лични детали од неговиот ангажман се веќе договорени, а останува уште Загреб и Металург да ја утврдат сумата за отштета при трансферот.

„Не е тајна дека преговараме со најдобриот млад ракометар во Европа роден во 1998 година, тоа е Халил Јагањац. Со него сме во интензивни разговори, сака да дојде, подготвен е да потпише на три години, останува само уште клубовите да се договорат меѓу себе. Тој има договор со Металург, па ќе почекаме уште околу дваесет дена да го видиме расплетот од таа ситуација“ – изјави спортскиот директор на Загреб, Божидар Јовиќ.

Останува да се види колку Металург ќе заработи од заминувањето на овој ракометар, откако македонскиот вицепрвак лани „киксна“ при заминувањето на Немања Обрадовиќ во Висла Плоцк, тужејќи се во ЕХФ и на крајот не добивајќи никаква отштета.

Се вчитува...