Барселона доживеа непријатна елиминација во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако загуби од Рома со 3-0 на „Олимпико“. Ниту убедливиот триумф од 4-1 на „Камп Ноу“ не се покажа како доволен за каталонскиот гигант да се пласира меѓу четирите најдобри екипи во елитното европско клупско натпреварување.
Тоа беше доволен сигнал за раководството на клубот веднаш да реагира и да тргне во напад кога се во прашање новите засилувања. И тоа не било какво засилување. Барселона тргнува по Антоан Гризман, францускиот интернационалец од Атлетико Мадрид. Каталонците се подготвени да платат 120 милиони евра отштета, а на фудбалерот да му дадат неверојатни 20 милиони евра годишна плата. Ваква понуда не се добива секој ден, и сигурно дека и Гризман многу сериозно ќе размисли за преселба на „Камп Ноу“. Тој и претходно најави дека сака да ги разреши сите дилеми околу својата иднина до почетокот на Светското првенство во Русија, а потоа да се фокусира на настапите во француската фудбалска репрезентација.
Од Барселона најверојатно ќе си замине Осман Дембеле, кој дојде од Борусија Дортмунд како големо засилување, но не ја оправда довербата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА