Кошаркарите на Блокотехна ги финишираат подготовките за претстојниот настап на фајналфор турнирот во БИБЛ, што претстојниот викенд ќе се одржи во Самоков, Бугарија. Македонскиот претставник играше извонредно во регионалното натпреварување цела сезона, а дури по поразот во последното коло од Рилски спортист падна на втората позиција, што му го донесе за ривал во полуфиналето силниот тим на Лукоил Левски.
Тимот од Гевгелија имаше мал пад во формата во последните два месеци, но избраниците на Марјан Илиевски влегуваат во посакуваниот ритам токму за самата завршница на сезоната.
„Пред нас е настап на фајналфор тунирот, историско прво учество на едно вакво натпреварување за нашиот клуб. Се подготвуваме максимално и дефинитивно ќе сториме се за да се прикажеме во што подобро светло. Противниците се силни, но ние веруваме во себе и подготвени сме за предизвикот. И во периодот во кој не ни одеше најдобро игравме солидно и не губевме убедливо од никого, верувам дека сега ја вративме сигурноста во нападот и ќе го покажеме тоа на Ф4 турнирот во Самоков“ – истакнува тренерот Марјан Илиевски.
Бугарскиот тим Лукоил Левски на хартија важи за фаворит, но тоа е тим што Блокотехна убедливо го совлада на почетокот од годинава, по фузијата на двата бугарски кошаркарски колективи, Лукоил Академик и Левски.
„Левски е засилен дополнително во однос на тој меч. Сметам дека притисокот ќе биде врз противникот, кој чувствува дека мора да победи. Подолгиот ростер е главен адут на Левски, но тоа не значи дека ќе се предадеме – напротив ќе сториме се за да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже. Целта е јасна – да играме во високо темпо, допадлива офанзивна кошарка што го краси нашиот тим“ – вели стратегот на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА