Кошаркарите на Блокотехна попладнево (14 часот) ќе го отворат фајналфор турнирот од БИБЛ-лигата, во полуфиналната пресметка против Левски Лукоил што ќе се игра во Самоков. Македонскиот претставник ја заврши сезоната на второто место, зад Рилски спортист, Левски беше третопласиран, а во меѓусебните дуели двете екипи имаат по една победа, извојувана на домашен терен. Сето ова е најава за неизвесна пресметка во која македонскиот клуб ќе се обиде да оствари нов успех, во својата дебитантска сезона да стигне и до финалето од регионалното натпреварување.
„Тимскиот дух е наша главна одлика, очекувам тоа да биде случај и на овој фајналфор. Левски има предност во подолгата ротација на играчи, но имаме и ние свои адути. Во последно време имавме проблеми со контролата над скокот, ако го решиме тоа ќе имаме реални шанси за победа во полуфиналето“ – вели капитенот Горан Главчев.
Проблемите на Бенџамин и на Ѓуроски му создаваат главоболки на тренерот Марјан Илиевски во пресрет на оваа средба, но се очекува двајцата кошаркари да настапат против Левски Лукоил.
„Левски е засилен дополнително во однос на тој меч во Гевгелија на кој убедливо славевме. Сметам дека притисокот ќе биде врз противникот, кој чувствува дека мора да победи. Подолгиот ростер е главен адут на Левски, но тоа не значи дека ќе се предадеме – напротив ќе сториме се за да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже. Целта е јасна – да играме во високо темпо, допадлива офанзивна кошарка што го краси нашиот тим“ – истакнува тренерот Илиевски во пресрет на денешното полуфинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА