Првиот човек на Црвена звезда, Небојша Човиќ, се закани дека неговиот тим нема да излезе на терен вечерва, на четвртиот натпревар од финалната серија од АБА-лигата против Будуќност. „Црвено-белите“ се наоѓаат во негатива од 1-2 и пораз ќе значи губење на финалето, но Човиќ причината не ја гледа во слабите игри на својот тим, туку во судиските критериуми.
„Речиси сигурно нема да излеземе на терен вечерва во „Морача“. Првото полувреме мина добро, потоа од третата четвртина се се промени. Што се случи на полувремето? Прво закани, а потоа, можеби пораснала тарифата. На првиот меч со Будуќност бевме ограбени, бидејќи евидентно сме подобри од нив. Ги примивме како господа во Белград, а видите што се случува овде – никогаш не е видена ваква омраза. Дали е возможно еден ист народ вака да те мрази. Овие луѓе не знаат спортски да се однесуваат“ – изјави Човиќ.
Медиумите во регионот ваквата изјава на Човиќ ја коментираат како обид да се влијае на судењето. Впрочем, во пропозициите на АБА децидно е наведено дека неиграње на натпревар не само што носи ригорозна казна, туку и автоматска суспензија за наредната сезоа. Влог што сепак е преголем за Човиќ да се реши за таков потег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА