ЕКИПА од Самоков,
Стеван Цаневски, Роберт Спасовски
Рилски спортист и Блокотехна го завршија регуларниот дел од сезоната на првите две места на табелата, но овие два тима попладнево (14 часот) ќе се сретнат само во „малото финале“ од фајналфор турнирот што се одржува во Самоков, Бугарија. Кошаркарите на Блокотехна синоќа дадоа се од себе за да стигнат до триумф над Левски Лукоил, потклекнаа во самиот финиш, а со оглед на ограничениот ростер и повредите на Бенџамин и на Ѓуроски сега пред македонскиот тим е уште поголем предизвик, за 24 часа да одигра уште еден меч во високо темпо против квалитетен противник.
„Тоа ќе биде наш главен предизвик, да се крене тимот по несреќниот пораз и да се соберат сили за уште еден квалитетен меч. Ќе сториме се што можеме, очекувам неизвесен натпревар и добра игра, па нека победи подобриот“ – изјави тренерот Илиевски во пресрет на денешниот дуел.
Блокотехна веднаш се враќа назад за Македонија, каде во следниот период ќе има згуснат распоред, бидејќи покрај вообичаеното темпо „среда – сабота“ ќе треба да се најде термин и за натпреварот со Куманово, кој требаше да се игра викендов, а беше одложен поради учеството на овој фајналфор турнир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА