Се е подготвено за новата пресметка меѓу Работнички и МЗТ Скопје, што ќе се игра во 19 часот во „Градски парк“ во Скопје во рамките од четвртото суперлигашко коло. Работнички ги доби претходните две прволигашки пресметки, МЗТ има триумф над вечниот ривал во финалето од Купот на Македонија, но ќе брка и победа денеска за да ја продолжи трката за второто место на табелата со Блокотехна.
Во ситуација кога вистинските битки, оние од плејофот, допрва следат, се чини најважно денеска ќе биде едно дерби да мине во вистинска кошаркарска атмосфера, за да се остави зад себе прекинот во „Градски парк“ од пред неполн месец и повторно акцент да се стави на актерите на тренерот, наместо на навивачите на трибини.
„На хартија можеби бодовите од овој меч се поважни за МЗТ отколку за нас, бидејќи реално сме на чекор до осигурување на првото место, но јасно е дека секој дерби дуел е доволен мотив за секого и ќе сториме се за да победиме. МЗТ доаѓа со нов тренер, Кочов им даде на играчите слобода во играта што им недостигаше кај Лукајиќ и сега противникот делува поопасно. Сепак, очекувам да одиграме еден добар натпревар, но пред се атмосферата да биде вистинска, спортска“ – изјави Марин Докузовски, кој во последен момент ќе реши дали на овој меч ќе смета на Маркус Гинјард.
На спротивната страна, МЗТ Скопје речиси сигурно ќе биде без помошта на Дамјан Стојановски, кој се повреди на дуелот со Блокотехна, но наскоро ќе го има својот камбек на терените.
Денешното вечно дерби на македонската кошарка нема да има директен ТВ пренос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА