ЕКИПА во Самоков,
Стеван Цаневски, Робеерт Спасовски
Блокотехна по голема битка загуби од Рилски спортист со 92-79, меч што беше решен со дополнителни пет минути по еден катастрофален судиски критериум кој му овозможи на домаќинот на фајналфор турнирот да стигне до третото место во ова натпреварување. Како и на дуелот со Левски, тимот на Блокотехна и денеска почна одлично, но потоа наиде на сериозна пречка од арбитрите, кои им покажаа исклучувачки грешки и на Ѓуроски и на Младеновиќ, откако претходно толерираа бројни испади на домашниот тренер и играчите на Рилски спортист.
Несреќниот пораз од Левски послужи како уште поголема мотивација за составот на Блокотехна, кој фуриозно го почна денешното „мало финале“. Играта во нападот беше беспрекорна во првата четвртина, кошаркарите на Рилски спортист во немоќ направија и две лични грешки па по десет минути игра резултатот беше 26-16, со две промашени слободни фрлања на Смит на самиот крај на четвртината.
На стартот од вториот период шоуто во свои раце го презедоа судиите кои веднаш создадоа тензија кај маедонскиот тим, давајќи му две технички грешки за триесетина секунди на Стојан Ѓуроски, кој реагираше по еден преструго досуден фаул во рекетот. Рилски го искористи овој подарок од арбитрите и веќе во 14. Минута стигна до израмнување (26-26), пред серијата на домашниот тим со тројка да ја прекине Мијатовиќ. Блокотехна се врати во ритам, имаше водство од 33-40 и промашен контранапад, за македонскиот тим да замине на одмор со позитива од 38-42, пред се благодарение на одличниот Мијатовиќ и неговите 18 поени за 16 минути игра.
Бугарскиот претставник набрзина поведе со 44-42 на стартот од третата четвртина, пред Смит да погоди тројка за први поени на Блокотехна во полувремето. Блокотехна одржуваше минимално водство во поголемиот дел од четвртината, Младеновиќ погоди две тројки во серија, па во последните десет минути се влезе со водство на македонската екипа од 60-56. Избраниците на Илиевски поведоа со 64-56, но по тајмаутот на домаќините следеше експресно враќање на 66-64.
Откако Рилски израмни со поените од контрапд на Рајт, тренерот на Блокотехна побара тајмаут на три минути до крајот (70-70). Во клучните моменти одговорноста ја презеде Мијатовиќ, кој реализираше „два плус еден“, за водство од 77-75 на 1:10 минута до крајот. Младеновиќ направи паметна лична грешка над центарот Раванел на 19 секунди до крајот, но домашниот кошаркар одговори на предизвикот погаѓајќи ги двете слободни фрлања. При 77-77 Илиевски побара тајмаут за совети пред последниот напад. Топката заврши кај Смит, кој тргна еден на еден против Раванел, под контакт биеше и беше непрецизен, па мечот мораше да биде решен со дополнителни пет минути.
Младеновиќ му застана на патот на центарот Раванел, изнудувајќи петта грешка од него на стартот од продолжението. Македонската екипа имаше проблем со нападот (речиси четири минути без постигнати поени), а судиите покажаа нееднаков критериум толерирајќи притисок од домашните кошаркари и стручниот штаб, притоа и потклекнувајќи под истиот. Рилски спортист наеше да го искористи тоа и на крајот триумфираше со . Видно исфрустрирани од судиските непрвади што ги следеа цел викенд, македонските кошаркари останаа без уште еден играч, откакоо Младеновиќ бурно реагираше на една судиска одлука, па набрзина доби две технички грешки.
Мијатовиќ беше прв стрелец со вкупно 31 поен зад своето име, Младеновиќ постигна 16 поени надополнети со девет скока и пет украдени топки, додека Главчев го заврши мечот со седум поени и шест асистенции.
Блокотехна со два несреќни порази го заврши настапот на својот прв фајналфор турнир во клупската историја, што не го расипува одличниот впечаток што тимот од Гевгелија го остави во текот на целата сезона, играјќи беспрекорна офанзивна кошарка и освојувајќи го второто место во регуларниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА