(ИН)ДИРЕКТ: Фудбалот треба да е респект… Кој на кого „пуши“, и дали стварно ви се толку „големи“?!

Екипа

Шкендија оваа сезона е наjмоќен тим во Првата лига и заслужено ќе ја освои шампионската титула. Но, по вчерашниот заслужен триумф над се уште актуелниот првак Вардар (2-3) на арената „Филип Втори“, фудбалерите на тетовскиот тим се распеаја „Ајде, Вардар, пуши ми го к…т“. Бедна постапка на фудбалерите кои се можеби „големи“ на теренот во овој момент, но со овој потег во соблекувалната покажаа дека се многу „мали“ како спортисти и луѓе.

Фудбалот и спортот воошто треба да е РЕСПЕКТ кон противникот. Видеото го снимил репрезентативецот Ферхан Хасани, а во хорското пеење учествуваат сите фудбалери на Шкендија. Ај, мајката, толку ли ви се „големи“ сега, па до пушење дојде работава?!

Ќе дојде утре некој нов Милан, па ќе го лапнете сосе…Тогаш со главите ќе си гледатe во таквите, што мислите дека ви се „големи“.

И не е само Шкендија, и не е само сега…Ниту вардарци, да бидеме реални, не покажуваа премногу респект кон ривалите во минатото, додека тие беа во еуфорија и ги освојуваа титулите. Можеби не повикуваа на „пушење“, но имаше коментари, на пример од капитенот Бобан Грнчаров, дека Вардар за Шкендија е Реал Мадрид, си ги гази затоа што не знаат, и за нив е – институција.

И излезе Вардар во Европа, и иако го направи најголемиот клупски успех во историјата со пласманот во групите од Лигата на Европа, на вистинските европски мечеви, каде што се мери квалитетот, тие повторно беа со наведнати глави и си гледаа во „големите“. Да, и тие мислат дека им се „големи“, а едвај еден – двајца од нив, по неколкупати играле меч од Лигата на шампионите.

А, кога ќе дојдете во кремот на европскиот фудбал, ќе видите како Кристијано Роналдо и Џанлуиџи Буфон, и покрај црвениот картон, скандалозниот судија Мајкл Оливер, и болната елиминација со пенал во 93.минута, ќе се прегрнат по мечот и ќе си покажат – РЕСПЕКТ. И, не си ги мерат, на кого му е „поголем“, затоа што големите луѓе оставаат другите да зборуваат за нив, не навредуваат, не понижуваат…

Ќе речете, можеше ова и на покултурна основа да се напише…Се согласувам. Ама за овие со „големите“, што сакаат да им го „пушат“, токму ова е нивото за да разберат дека се всушност „испушени муштикли“, што само сакаат лајкови на Фејсбук. Да беше поинаку, ќе ги гледаа на стадионите по 30.000 навивачи.

Се вчитува...