Откако Арсен Венгер објави дека си заминува од клупата на Арсенал, сите останати стратези се јавија со комплименти за трофејниот француски стратег кој 22 сезони по ред се наоѓа на кормилото на „топчиите“. Сепак, најголемите пофалби за Венгер пристигнаа од стратегот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој на денешната прес-конференција на штедеше комплименти за работата на Французинот.
„Се изненадив утрово кога ја слушнав веста, но тоа е негова одлука и мораме да ја почитуваме. Арсен Венгер е голем фудбалски визионер, неверојатен господин и заслужено имаше фантастична кариера. Обично мислите дека во фудбалот се трае кратко, а тој се задржа во Арсенал 22 години, многу долго и многу успешно. Можеби сите не се среќни како изгледа Арсенал во последните месеци, но и неуспесите се нормален дел од работата. Арсен Венгер секогаш развиваше млади играчи, купуваше фантастични фудбалери, доминираше долг период, освои се во Англија и играше најубав фудбал. Јас отсекогаш сум се воодушевувал од работата на Венгер. Ситуацијата се промени откако дојдов во Англија бидејќи станавме ривали, но во Германија ми беше фудбалска инспирација. Не знам што планира, но ми делува дека е во полна сила и може да работи уште неколку години на топ-ниво. Лично му посакувам се најдобро и се надевам дека ќе се сретнеме за да му го кажам тоа и во четири очи“ – изјави Клоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА