Традиција: Германците имаат зошто да се плашат од Вардар

Гостувањата во Германија вообичаено се најтешките предизвици за големите европски клубови, но тоа не е случај кога станува збор за Вардар. „Црвено-црните“ отпатуваа во Кил свесни за позитивната традиција што ја имаат, на последните пет меча во Германија избраниците на Раул Гонзалес имаат скор од три победи, едно реми и само еден пораз. Тоа им дава за право да се надеваат дека во ист стил ќе продолжат и утре против Кил, за со добра игра и позитивен резултат широко да си ги отворат вратите кон нов фајналфор турнир во Лигата на шампионите.

26 ноември 2017   Некар Левен – Вардар    21-21

Овосезонскиот дуел меѓу „лавовите“ и „вардарци“ што се одигра во Манхајм заврши без победник. И двете екипи имаа свои шанси за победа, а Арпад Штербик беше херојот со одбрана со звукот на сирената. Дибиров беше најефикасен со пет погодоци, а по четири пати прецизни беа Канелјас и Криштопанс.

22 април  2017   Фленсбург – Вардар   24-26

Ланското четвртфинале „црвено-црните“ го играа на ист датум на кој ќе биде и утрешната пресметка, и како победници си заминаа од мечот со Фленбург. Првото полувреме беше ракометна лекција за големиот ривал, „вардарци“ заминаа на одмор со предност од 9-15. Концентрацијата падна во вториот дел, но избраниците на Гонзалес сепак триумфираа со 24-26, широко отворајќи си ги вратите кон својот прв Ф4 турнир во Келн, потоа и првата европска круна.

Циндриќ, Душебајев и Дибиров беа најдобри стрелци со по пет гола во Фленсбург, додека Чупиќ беше прецизен четири пати.

 17 ноември 2016   Некар Левен – Вардар     27-33

Жоан Канелјас одигра феноменално во своето враќање во Германија по трансферот од Кил во Вардар. „Црввено-црните“ носени на крилата на шпанскиот бек одиграа одлично второ полувреме, го завршија мечот со 33 постигнати погодоци и стигнаа до огромна победа.

Канелјас го заврши натпреварот со десет гола, Циндриќ беше стрелец на седум, а трет стрелец на Вардар беше Македа со четири погодоци.

11 февруари 2016    Некар Левен – Вардар  28-27

Единствениот пораз на „вардарци“ на последните пет гостувања во Германија беше претрпен пред повеќе од две години. Дуелот мина во максимално израмнета борба, македонскиот првак на полувреме имаше предност од 14-15, за „лавовите“ во финишот да направат пресврт и да стигнат до победата. Брумен го промаши шутот што можеше да донесе реми, а забележителен настап на голот на домаќините имаше македонскиот репрезентативец Борко Ристовски. Горбок беше најпрецизен кај „црвено-црните“ со седум гола, пред Душебајев и Дибиров со по пет.

21 февруари 2015    Некар Левен – Вардар   28-35

Феноменалното прво полувреме претставуваше лекција за тимот на Николај Јакобсен. Одбраната на „вардарци“ им создаваше огромни проблеми на германските ракометари, од неа произлегоа бројни лесни погодоци од контранапад, па на одмор се замина со 13-20, предност што потоа македонскиот клуб ја задржа се до самиот крај.

Игор Карачиќ беше во главна улога со осум гола, два повеќе од Тимур Дибиров.

Овие последни пет меча се доволен доказ дека Вардар знае да игра на највисоко ниво и да победува и на гостувањата против екипи од најсилната лига на светот. „Црвено-црните“ сигурно нема да подлегнат под атмосферата во Кил, но дури и доколку се случи пораз, тука е реваншот во Скопје, каде во „пеколот“ во СЦ „Јане Сандански“ ќе се стори се за да се земе скалпот на „зебрите“ и да се обезбеди нов билет за фајналфор.

Се вчитува...