Работнички без милост кон охриѓани

Кошаркарите на Работнички продолжуваат да прават дар-мар во на домашната сцена, откако во својот 28. овосезонски натпревар стигнаа до 27 победа. Првото место во пресрет на плејофот веќе беше осигурано, но тоа воопшто не ја намали мотивацијата кај Марин Докузовски и неговите избраници, вечерва да одиграат одличен натпревар против Охрид и да триумфираат со убедливи 100-64.

„Црвено-белите“ доминираа од самиот почеток, но посериозно се одлепија кон крајот на првата и стартот на втората четвртина, кога за неполни пет минути направија серија од 20-0, што ја запре Глигоријевиќ со едно реализирано слободно фрлање. Прашањето на победникот веќе беше решено, што им овозможи на домашните кошаркари без многу мака да го диктираат темпото и да го контролираат резултатот. Тренерот Докузовски ја подели минутажата, па ниту еден од вообичаните стартери на Работнички не мина на теренот повеќе од 20 минути (над оваа бројка беше само младиот Ефремовски), а лидерот сепак стигна до убедлива победа од конечни 100-64.

Бојан Крстевски беше најефикасен кај победничкиот тим со 15 поени и само едно промашување (7/8 од поле), Еванс постигна 14, а Робинсон 13 поени за Работнички. Кај Охрид најдобри стрелци беа Ахметбашиќ со 21 и Хенри со 13 поени.

Се вчитува...