Каков и да биде македонскиот шампион од следната сезона, без „ел команданте“ на клупата, нема да биде ни исто, ни лесно.
1.Смирен Раул, силен Вардар
Колку и да звучи патетично, ама по вчерашното издание на Вардар против Кил, не може човек да не помисли барем едно пет-шест пати во тие 60 минути:
„Што ќе правиме кога ќе си замине Раул во Париз?
Оти, каков и да биде македонскиот шампион од следната сезона, без смирениот „ел команданте“ на клупата, нема да биде ни исто, а богами ни лесно како сега.
Во спортот без секого се може, или некогаш, се мора. Тоа е факт. Факт е и дека Раул во изминатите пет години постави добра основа во Вардар што ќе функционира и после него, што би рекол Тимур Дибиров.
Можеби и ќе функционира нешто, некое време. Но, смиреноста, едноставноста и тактичката генијалност што ја носи Раул Гонзалес, тешко дека може да се „наследи“ или да се најде лесно во неговите наследници на клупата.
Генијалноста на Шпанецот е што секогаш го има наједноставното решение за најкомплицираната ситуација и максимална употребливост на секое „шрафче“ во тимот. И сето тоа смирено реализирано, што ги остава во чудо противниците.
Како што остана вчера запрепастен и Алфред Гисласон.
Кил е силен, ама и предвидлив. Вардар е силен и луциден. Тоа е разлика што тешко се достигнува. Иако на семафорот е само еден гол.
2.Подај му на Столе!
Кога сите се плашат од Штербик, а во нападот излегуваат да ги запрат Циндриќ и Борозан, тогаш Раул елегантно ја префрла топката на тешките пикери и го решава Кил среде „Шпаркасен Арена“!
Германците, всушност ја превидоа и паднаа на старата македонска тактика „ако не може Кире, подај му на Столе“. Па ние десет години им ја продаваме таа финта низ Европа и се уште „пали“. Истата финта му ја „продаде“ и Раул на Гисласон.
Кил успеа да се спаси од бековите и да ги остави Циндриќ и Борозан на по два, а Криштопанс дури и на 0. Но, Гисласон ги превиде пикерите на Вардар и погреши. Статистиката покажува дека сите бекови заедно постигнаа вкупно 9 од 29 гола на „црвено-црните“.
Ама „Столе-ти-си-наша-икона“ излезе во „Шпаркасен“ и ја направи разликата со перфектни пет од пет. Мораеш додаде пет од шест… Бразилецот кој пред 2-3 години не беше доволно добар за Кил, под палката на Раул Гонзалес сега му го загорчи денот на својот поранешен клуб.
Вардар го доби натпреварот, дури и кога Штербик, статистички беше послаб од Ландин, иако според решавачките одбрани двете главни фаци меѓу стативите, беа тука некаде.
И тоа, дефинитивно е умешност на клупата.
На реваншот во Скопје, Вардар е во голем плус, многу поголем од оној еден гол во резултатот. Кил веќе не е ни толку страшен, ниту пак несовладлив. Фаворит веќе не е дефинитивно.
Впрочем, Германците еднаш пред многу години веќе трчаа по казна на кејот на Вардар. Може и во недела да свртат некој круг. За разлика од 2002, сега имаме и средена патека!
3.Вардар, „три Французи“, и Кире „на четврта“
Ништо не е готово додека не се заврши, четвртфиналето има уште едно полувреме. Но, според ова првото, многу веројатно е дека ќе излезе варијантата што се вртеше како чудо по сите оние осминафинални шокови – Вардар и три француски екипи на Ф4 во Келн!
По ремито на Монпелје во Фленсбург и по победата на Вардар во Кил, сега веќе е многу веројатно дека Келн може и годинава да остане без Германци.
Но, затоа Французите се во офанзива. ПСЖ во Полска го срамни Кјелце со земја, во Париз треба само да стават заверка на пласманот во Келн.
Нант има единствена можност по прв пат да влезе во големото друштво. И, можеби и најлесна задача во ова четвртфинално друштво против данскиот Скјерн кој го достигна врвот со елиминацијата на Веспрем. Тјери Анти сигурно нема да ја испушти историската шанса по прв пат да го однесе Нант на големата сцена во „Ланксес Арена“.
А, што е за нас интересно, пласманот на Нант го враќа и Кире Лазаров на добро познатиот терен во Келн, овој пат во друг дрес. Македонскиот капитен покрај што е прв играч што ја надмина границата од 1000 гола во ЛШ, има уште едно ретко постигнување во најелитното европско натпреварување – настап на Ф4 со четири различни екипи.
Или, по наши кажано, кај и да отиде Лазаров, од Сиудад Реал до Нант, на крај завршува во Келн. Оди, па стигни!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА