Буфон демантира тепачка со Бенатија: Тоа се приказни за полнење весници

Јувентус доживеа шокантен пораз (0-1) на домашен терен од Наполи во дербито на сезоната и сега има само еден бод предност во однос на „наполитанците“ на четири кола до крајот на Серија А. На „старата дама“ и претстојат гостувања против Интер и против Рома, и ќе има навистина пеколен пат до одбрана на шампионската титула.

Италијанските медиуми наведоа дека капитенот Џанлуиџи Буфон во соблекувалната имал жестока пресметка со Мехди Бенатија, кој беше еден од виновниците за примениот гол, откако не скокна да го блокира Калиду Кулибали по корнерот во 90.минута. Но, Буфон ги демантира овие гласини.

„Тоа се само приказни за полнење весници. Нормално е да имаме несогласувања со соиграчите кога ќе примиме гол и ќе загубиме. Но, никој и никогаш во овие 17 години не посегнал физички кон свој колега, барем кога јас сум бил во соблекувалната. И се додека јас сум капитен, тоа ќе биде така. Имаме дваесетина денови за да покажеме дека навистина имаме шампионски карактер во тимот, и тоа ќе го сториме. И во тешките мигови, Јувентус е голем клуб со големи фудбалери и таквите инсинуации не се потребни“, изјави Џанлуиџи Буфон.

Се вчитува...