До почетокот на Светското фудбалско превенство во Русија остануваат уште 50 дена. Русите финишираат со подготовките за Мундијалот за кој се потрошени 23 милијарди евра. Засега најголем проблем за организаторите се заканите од руските хулигани и тревата на „Космос Арена“ во Самара!
Во секој град домаќин на шампионатот, за сигурноста на навивачите ќе се грижат најмалку 10.000 војници, полицајци и луѓе од обезбедувањето. Преземени се и посебни мерки за безбедност и утврдени се ригорозни казни за секој прекршок. Навивачите кои немаат влезници нема да смеат да се приближат на повеќе од 400 метри оддалеченост од стадионите.
Опасноста од хулиганизам и тероризам за време на Мундијалот ги заострија и санкциите. Русија уште минатата година ги зголеми драстично казните за секој престап на спортските терени. Учество во немири на трибините се казнува со парична казна од 300 евра и седумгодишна забрана за патување на навивачите низ Русија и во Европа. Тоа е само една од мерките со кои Русите настојуваат да ги намалат навивачките судири во својата земја.
Вториот проблем е помалку опасен, но за организаторите исто така сериозен. Тревата на „Космос Арена“ во Самара не во Русија, туку во Германија и се уште не е доволно нарасната. Подготвувањето на терените се пролонгира поради ладниот бран што ја зафати Русија во март.
Русите ветуваат дека ова ќе биде едно од најдобрите првенства во историјата, но има и скептици кои се сомневаат во тоа. Русија ќе биде на сериозен тест и затоа за Мундијалот не се остава ништо на случаноста. За организација на СП потрошени се 23 милијарди евра, од тоа најголем дел е за инфраструктурата и за безбедноста на Мундијалот.
СП во Русија ќе се игра на овие 12 стадиони:
Калининград Арена (капацитет 35.212) – Тоа е најмалиот од сите 12 стадиони на Мундијалот. Капацитетот на овој стадион е на граница на минимумот предвиден за СП, односно има 35.212 седишта или 212 повеќе од минималната граница. После СП од стадионот ќе бидат тргнати 10.000 седишта.
Лужњики (капацитет 81.000) – Стадионот на кој ќе се игра големото финале. Тоа е најголемиот стадион со капацитет од 81.000 места, а името на стадионот значи „бара“ или „локва“. „Лужњики“ стадионот е завршен минатата година и за неговата изградба се потрошени 350 милиони евра.
Санкт Петербург (капацитет 68.134) – Овој стадион требаше да биде отворен во 2008, но завршен е дури во 2017 година. Изградбата на стадионот чинеше 1,1 милијарда евра или 550 пати повеќе од предвиденото.
Откритие Арена (капацитет 45.360) – Стадионот на Спартак Москва е посебен поради статуите. Зад голот се наоаѓаат статуи на браќата Старостин, а на влезот на стадионот е 25-метарскиот кип на Спартакус.
Казан Арена (капацитет 45.379) – Надворешната страна на стадионот е најголемиот екран во Европа.
Космос Арена (капацитет 45.568) – Со овој стадион организаторите имаат најголеми проблеми. Лани на овој стадион изби пожар и работите беа стопирани. Стадионот треба да биде готов овие денови.
Ростов (капацитет 45.000) – Парк во стадионот. Во кругот на стадионот има велосипедска патека, патеки за прошетка во доллжина од седум километри. Овој стадион е на 1000 километри од Москва.
Мордовиа Арена (капацитет 44.442) – Тревата на овој стадион е увезена од Канада. Стадионот има капацитет од 44.000 места, но после СП, трбините ќе бидат размонтирани и ќе останат само 28.000 седишта.
Нижиј Новгород (капацитет 44.899) – Реновирањето на стадионот почна во 2013 година но работите беа веднаш стопирани бидејќи во подножјето на стадионот се пронајдени три неескплодирани бомби од Втората светска војна.
Сишт стадион (капацитет 47.659) – Олимпискиот стадион во Сочи на кој беа отворени и затворени Зимските олимписки игри во 2014 година. На почетокот овој стадион имаше покрив, а подоцна тој беше отстранет.
Екатеринбург Арена (капацитет 35.696) – Единствениот стадион што се наоѓа во азискиот дел на Русија. Познат е како „обратен стадион“ бидејќи едната трибина е надвор од стадионот што претставува посебна атракција на Мундијалот во Русија.
Волгоград Арена (капацитет 44.918) – Стадионот е изграден на местото на стара рафинерија. Во првичниот план на стадионот беа предвидени и базени и тениски терени, но поради големите финансиски трошоци на крај беа изоставени тие дополнителни содржини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА