Норевешкиот репрезентативец Харалд Рајнкинд (25) е ново засилување во редовите на Кил за следната сезона. Рајнкинд доаѓа од редовите на актуелниот германски шампион Рајн Некар Левен и со Кил потпиша тригодишен договор со важност до јуни 2021. Тој е втор ракометар од Рајн Некар Левен што летово ќе се пресели во ривалскиот тим. Претходно, Кил го договори и репрезентативниот пикер Хенрик Пекелер.
„Харалд не е само алтернатива за нападот, туку е големо засилување и во одбраната, посебно да го засилиме блокот во средината“ – истакна тренерот на Кил, Алфред Гисласон за ангажманот на 1,97 метри високиот десен бек.
Покрај Рајнкинд, на десната бековска позиција Кил ги има искусните Марко Вујин и Штефен Вајнхолд. Норвежанецот доаѓа како дел од проектот на Кил за создавање на млад перпсективен состав.
„Кил ме убеди со својот иден концепт. Воодушевен сум од довербата што ја добив и со нетрпение очекувам летово да станам дел од тимот кој стартува со големи цели. Подготвен сум да ја преземам одговорноста што се очекува од мене во ваков тим како Кил“ – изјави Рајнкинд.
Норвешкиот репрезентативец ја почна кариерата во Филинген Берген. Во 2014 година се пресели во редовите на Рајн Некар Левен со кој освои две шампионски титули во Германија. За норвешката репрезентација дебитираше на 18-годишна возраст, во април 2011 година против Германија и досега има одиграно 76 натпревари и постигнато 159 гола на националниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА