Жоан Канелјас најдобро од сите ги познава квалитетите на Кил, настапувајќи за оваа екипа до пред две години, кога токму од таборот на „зебрите“ му се приклучи на Вардар.
„Обично не се чека толку за дуел со поранешен клуб во ЛШ, но со Кил се избегнувавме се до ова четвртфинале. Секогаш е посебно чувството кога ќе се вратиш некаде од каде што имаш убави спомени, само жалам што тоа е четвртфинална пресметка, од која некој мора да излезе максимално разочаран“ – истакнува Канелјас.
Надворешните играчи на Вардар целосно потфрлија на првиот меч во Германија, но Шпанецот очекува многу подобро издание на утрешниот реванш.
„Факт е дека Кил одигра одлично во одбраната против нас. Почна со 3-2-1, а потоа со цврста зона 6-0 за која ние бековите не најдовме соодветно решение. Не беше лесно, но одговоривме на предизвикот како екипа и стигнавме до голема победа. Имаме минимална предност, но знаеме дека никако не смееме да се опуштиме“ – изјавува Жоан Канелјас.
Утрешниот натпревар воедно ќе биде и последен за Шпанецот во полна сала во СЦ „Јане Сандански“, со оглед на фактот дека тој веќе го договори својот следен трансфер – во унгарскиот вицепрвак Пик Сегед.
„Знам дека салата ќе биде полна и тоа сигурно ќе ни биде од помош. Некогаш играме пред 50 луѓе во домашното првенство, но ова ќе биде последен пат сезонава салата во Скопје да биде исполнета до последно место. Знам како беше лани против Фленсбург, се надевам на нешто слично и против Кил. Лично настојувам да се фокусирам на тактиката, а не на публиката бидејќи тоа би донело само дополнителен притисок“ – истакнува шпанскиот ас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА