Одбојкарите на ОК Струмица се победници во Купот на Македонија откако во драматично финале во спортската сала „Софија Петровска“ во Пробиштип славеа против ОК Весна Пробиштип со 2-3 (25-15, 20-25, 17-25, 25-21, 11-15).
На тој начин ОК Струмица стигна до петтата своја титула во последните седум сезони во Купот на Македонија, не дозволувајќи, пак, ОК Весна Пробиштип да дојде до својот прв трофеј во историјата на клубот.
Екипата на Весна Пробиштип одлично го почна мечот добивајќи го првиот сет со убедливи 25-15. Но во продолжението комплетна доминација на струмичани кои ги добија следните два сета со 20-25 и 17-25.
Во четвртиот сет се чинеше дека Струмица, по почетната предност, ќе дојде до конечната победа, но домашните одбојкари одлично се вратија во игра и добивајќи го сетот со 25-21 израмнија на 2-2.
Во одлучувачкиот петти сет, ОК Струмица почна далеку поагресивно и посигурно па стекна предност од стартот за конечно добивање на сетот со 11-15, и за конечна победа од 2-3 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА