Вардар влегува во згуснат распоред на натпревари, но тоа не би требало да претставува никаков проблем за „црвено-црните“ во одбраната на титулата на домашната ракометна сцена. Впрочем, доволен доказ за нивната доминација е што само 24 часа по исцрпувачкиот дуел со Кил, избраниците на Раул Гонзалес во Битола му гостуваа на Пелистер, декласирајќи го ривалот со преубедливи 28-43. Битолчани пред мечот му дадоа пригоден подарок на вечниот противник за новиот пласман на Ф4 во Лигата на шампионите, а Вардар потоа на теренот покажа зошто и годинава е еден од најдобрите четири клуба во Европа.
Ростерот што Гонзалес го има на располагање е доволно широк за да може да се снајде во плејофот, па така шанса денеска добија дел од оние кои не настапија или имаа минимална минутажа против Кил. Само неколку минути беа доволни за „вардарци“ да поведат со 1-5, а потоа целосно да го контролираат резултатот. Нападот функционираше беспрекорно, па актуелните шампиони на одмор заминаа со водство од 14-22, за потоа уште пофуриозно да влезат во вторите 30 минути. Наспроти желбата, „пелистерци“ не можеа да сторат ништо повеќе, па мечот заврши со убедливи 28-43 за скопските „црвено-црни“.
Репрезентативецот Мартин Поповски со осум гола беше најефикасен кај победничкиот тим, каде Недановски и Марсениќ постигнаа по шест, а Стојанче Стоилов четири погодоци. Убедливо најдобар поединец кај Пелистер беше Јагуриновски, кој беше стрелец на осум гола за домашната екипа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА