Ждреб за ЛШ: Французите се плашат од Вардар

Се е подготвено за ждребот за полуфиналните двојки од фајналфор турнирот во Лигата на шампионите, што денеска точно на пладне ќе се одржи во Келн.

Вардар успеа да го елиминира Кил, втора година по ред оставајќи го Ф4 без германска екипа, а како потенцијални ривали „црвено-црните“ имаат три тима од Франција, ПСЖ, Нант и Монпелје.

Едно е јасно, ниту еден од Французите не сака да се сретне токму со „вардарци“, не само поради фактот дека се актуелни бранители на трофејот, туку и поради одличниот ракомет што избраниците на Раул Гонзалес го играат цела сезона.

ПСЖ лани ја почувствува моќта на „вардарци“ токму во финалето во Келн, македонскиот првак со Нант се сретна два пати сезонава и има една победа и еден пораз, додека скорот на „црвено-црните“ со Монпелје во последните неколку сезони изнесува три победи и едно реми.

Без оглед кого ќе добијат за противник, јасно е дека ракометарите на Вардар ќе сторат се за да испишат историја, станувајќи прв тим што две години по ред триумфирал на Ф4 во Келн.

Се вчитува...