Гостивар со една фуриозна четвртина го реши Охрид

Кошаркарите на Гостивар славеа на гостувањето против Охрид со 78-85, во битката на екипите од Супер-лигата што не се пласираа во плејофот. Како пресудна се покажа третата четвртина што гостиварци ја одиграа фуриозно, добивајќи ја со 14-32.

Охриѓани одиграа квалитетно во првото полувреме, на одмор заминаа со водство од 43-39, но потоа не знаеја како да го запрат налетот на избраниците на Марјан Србиновски. Особено фуриозни беа последните две и пол минути во четвртината, во која гостинскиот тим направи серија од 15-3 и дојде до убедлива предност. И покрај обидите, Охрид не успеа да стори ништо повеќе, гостиварци рутински го исконтролираа резултатот до самиот крај, за домаќините во последните две минути да ја спуштат разликата под десет поени, до конечните  78-85.

Сегариќ со 20 поени беше најефикасен кај Гостивар, Тасовски постигна 15, а Димчевски 13 за победничкиот тим. Кај Охрид најдобри поединци на денешниот меч беа Кенет со 28 и Зимиќ со 10 поени.

Се вчитува...