Вардар и Металург прв пат на мегдан во плеј-офот

Вардар денеска (20.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Металург во натпреварот од 5.коло од плеј-офот во машката ракометна Супер лига. Ова е првата меѓусебна пресметка на двата скопски ривали во годинашното разигрување за титулата, покрај двете меѓусебни средби што ги имаа актуелниот шампион и вицешампион во регионалната СЕХА лига.

Она што некогаш беше дерби за превласт и престиж, последниве неколку години се сведува на апсолутна доминација на вардарци и предизвик за „металурзи“ достојно да му се спротивстават на шампионот.

По настапот во четвртфиналето од Лигата на шампионите, Вардар за пет дена ќе одигра три натпревари суперлигашкиот плеј-оф, на гости кај Пелистер (28-43) и кај Пролет (20-30) и денеска на домашен терен против Металург. Со денешниот дуел се заокружува првиот дел од плеј-офот за титулата. Вардар е на лидерската позиција со максимални 12 бода, Металург е втор со 10, а на третата позиција е Еурофарм Работник со седум бода. Во „долниот дел“ на табелата се Пролет со четири, Охрид со еден и Пелисетр без освоен бод.

Во другите две средби од 5.коло утре во двојната програма во Битола играат: Еурофарм Работник – Пролет (17.30 ч.) и Пелистер – Охрид (19.30 ч.).

Се вчитува...