По вчерашното кошаркарско дерби, преку соопштение до јавност од КК Работнички прашуваат дали само кога МЗТ Скопје е во прашање од МКФ е дозволено прогледување низ прсти… „Иако се најгласни дека ја имаат најдобрата сала за натпревари, дали таа спречи напади врз нашите кошаркари и со тврди предмети?“ – се прашуваат од КК Работнички.
СООПШТЕНИЕТО ОД КК РАБОТНИЧКИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Почитувани,
Го испраќаме ова соопштение до јавноста по повод вчерашното 141 дерби меѓу најголемите конкуренти за титулата оваа сезона и големи ривали КК Работнички и КК МЗТ Скопје Аеродром што се одигра во салата ,,Јане Сандански,, за да укажеме на недоследноста и двојните аршини што постојат кога се во прашање македонските кошаркарски клубови, како и тоа дека со ова соопштение не бараме алиби за вчерашниот само втор пораз во досегашното првенство.
Најпрво сакаме да им ја честитаме првата победа на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром над нашиот Работнички во регуларниот дел од сезоната. Но, она што остана дамка на натпреварот е фрлањето ситни парички и плукање кон судиите и играчите на КК Работнички за време на натпреварот, но и фрлањето на тврди предмети по кошаркарите во црвени дресови по завршувањето на мечот, како и палењето пиротехнички средства додека траеше дуелот. Зошто не беше прекинат натпреварот? Ова ли беше топлото добредојде за КК Работнички во ,,Јане Сандански,,? Што доколку некој од нашите играчи се здоби со посериозна повреда? Или МКФ не виде ништо од нарушувањето на сигурноста и безбедноста на кошаркарите и судиите?
Претходното 139-то дерби одиграно во Градски Парк, салата беше испразнета и мечот се доигра следниот ден пред празни трибини, а причините беа фрлање на тврди предмети и плукање по судиите. По овој немил настан во нашата сала, се свикуваа разни тела на Федерацијата, се даваа јавни изјави каде што се омаложуваше нашиот кошаркарски храм којшто е синоним за кошарката во Македонија, каде што има трофеи и историја, повеќе од која било сала во земјава. А за вчерашното натпревар, се посочи кон делегатот и неговиот записник. Од друга страна, ,,стручната,, кошаркарска јавност лиферува информации дека вчерашното дерби наликувало како некогаш и било празник на кошарката, со прекрасен спортски амбиент.
Ако МКФ не постапува подеднакво кон сите клубови, тогаш барем Управата на МЗТ Скопје Аеродром нека се извини за пропустите во организирање на дербито, како што ние се извинивме и ги осудивме немилите настани што се случија во Градски Парк.
Уште еднаш прашуваме, дали само за МЗТ Скопје Аеродром има посебни правила и пропозиции за одигрување натпревар и обезбедување соодветни услови за игра? Иако се најгласни во коментарите дека тие ја имаат најдобрата сала за одигрување натпревари, а сите останати клубови не можат да ги задоволат нивните услови за безбедно да истрчаат на паркетот, вчера и тоа како потфрлија на организациски и безбедносен план.
КК Работнички е сериозен во својот став дека доколку повторно некој се обиде да прекине натпревар во понатамошниот дел од првенството или се обиде да ја одземе салата Градски Парк за одигрување натпревари, Управата на нашиот клуб серозно ја разгледува опцијата за прекин на понатамошниот дел од натпреварувањето без разлика дали тоа е Плеј-оф или Супер лига.
Спортски поздрав,
КК Работнички АД Скопје
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА