МКФ: Дербито со МЗТ да не биде алиби на Работнички за „Градски парк“

Работнички преку соопштение до јавноста реагираше за фрлените предмети и плукањето од навивачите за време на вечното дерби со МЗТ Скопје, барајќи еднаков третман со слични ситуации на кои „црвено-белите“ се домаќини во „Градски парк“. Не се чекаше многу за одговор од страна на куќата на кошарката, од каде најавија прегледување на снимката од дербито, но и дека тоа никако нема да значи попуст за Работнички кога станува збор за воспоставените критериуми под кои овој тим може да биде домаќин во „Градски парк“ до крајот на сезонава.

„Како федерација повторно ќе ја прегледаме снимката од дерби натпреварот и доколку се увидат ситуации кои не се наоѓаат во записникот на делегатот, за нив ќе се реагира согласно пропозициите и ќе бидат изречени соодветни казни за учесниците. Бидејќи имавме можност во живо да го следиме мечот, можеме да кажеме дека организацијата беше на едно ниво далеку повисоко од оние претходните во „Градски парк“, дури и во случај на организациски пропусти истите би биле неспоредливо помали во однос на оние од претходното дерби на кое Работнички беше домаќин. Ние тогаш донесовме нормативи за да може да се игра во „Градски парк“ и истите ќе продолжат да важат и во текот на плејофот. Дербито со МЗТ и евентуалните несакани случки не треба да бидат алиби за вршење на притисок во пресрет на плејофот бидејќи нашиот став е идентичен со оној кога ја донесовме одлуката – во таа сала мора да постојат услови за да може да постои чувство на безбедност, за секој кошаркарски фан да може да дојде, да проследи големо дерби без да стравува од било каков инцидент. Во пресрет на плејофот, искрено верувам дека битките за титулата ќе се водат на теренот, без несакани случки на трибините, а дека пласман во финалето ќе обезбедат две екипи што ќе покажат повеќе во меѓусебното надмудрување во играта за време на полуфиналните серии“ – изјави за ЕКИПА директорот на МКФ, Владимир Темелковски.

Се вчитува...