Кошаркарите на Гостивар со победа го заокружија својот овосезонски настап, триумфирајќи над екипата на Куманово со резултат 75-58. Гостиварци по пауза од десетина години се вратија во елитното друштво и имаа успешен камбек, обезбедувајќи пласман во Супер-лигата, каде во трката за четвртото место токму од Куманово ги загубија шансите за место во полуфиналето.
Мотивираноста беше главен фактор на овој натпревар, гостиварци тргнаа фуриозно па уште во првата четвртрина поведоа со 23-9. Во втората четвртина избраниците на Србиновски имаа и 31-14, потоа и 35-19, за кумановци со нешто подобра игра во финишот од полувремето на одмор да заминат со 39-30. Сепак, Гостивар одигра во висок ритам и во вторите 20 минути, целосно доминирајќи на теренот и на крајот заслужено триумфирајќи со 75-58. Во ситуација кога победникот беше решен, двајцата тренери во финишот им дадоа шанса на дел од помладите играчи, кои поголемиот дел од времето сезонава го минуваа на клупата за резерви.
Таварион со 19 и Димчевски со 16 поени беа најдобри поединци кај Гостивар. Во таборот на Куманово не настапи Ковач, кој доби заслужен одмор пред полуфиналето со Работнички, а најефикасни кај гостинскиот тим беа Ѓекиќ со 18 и Штерјов со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА