Кога се среќаваат Барселона и Реал Мадрид, не може да изостане борбеност и желба за победа, без оглед дали титулата е веќе обезбедена и мечот нема преголемо резултатско значење. Престижот е поголем од се кога се среќаваат овие два фудбалски џинови, доказ за тоа беше и вечерашната пресметка на „Камп ноу“, вистинско фудбалско шоу за уживање што заврши без победник, 2-2.
Мечот почна максимално ефикасно, најпрвин Барса поведе преку Суарез, за веднаш потоа Реал да израмни со голот на Кристијано Роналдо. Страстите зовреа пред крајот на полувремето кога Серхио Роберто доби црвен картон за удирање на Марсело без топка, што придонесе за уште помотивирано да се влезе во вторите 45 минути. Реал во второто полувреме играше без Роналдо, кој се пожали на повреда по постигнувањето на голот и мораше да биде заменет.
Лионел Меси блесна и постигна гол за 2-1 за Барселона, откако судијата направи голем превид не судејќи чист прекршок на Суарез над Варан на почетокот од акција. Токму Меси имаше можност да ги разреши дилемите околу победникот, но Навас го одбрани неговиот удар во ситуација „еден на еден“. Казната стигна на спротивната страна кога Бејл погоди од работ на шеснаесетникот за 2-2.
„Кралевите“ бараа пенал за стартот на Алба над Марсело, судијата остана нем, па оваа вистинска војна на теренот заврши без победник, исход од кој позадоволни се домаќините, поради фактот дека остануваат без пораз во текот на целата сезона од Примера дивизион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА