Новиот тренер на Баерн Минхен, Нико Ковач, ќе има одговорна задача да направи значајни промени во играчкиот кадар, по најавениот „ремонт“ во таборот на баварскиот гигант, се со цел да биде составен тим што ќе ја освои титулата во Лигата на шампионите.
Рибери и Робен се уште немаат потпишано нови договори, се очекува двајцата ветерани да останат во Минхен, но Ковач планира тие да ја немаат улогата на стандардни првотимци. Леон Горецка, кој ќе пристигне од Шалке, ќе биде прва опција, а Баерн ги интензивира и преговорите со Малком од Бордо, се со цел Бразилецот да му се стави на располагање на новиот тренер од првиот ден од подготовките.
Меѓу оние кои ќе си заминат прв на листата е Артуро Видал, кој е пред камбек во Италија (Милан и Интер се интересираат за Чилеанецот). Најава за трансфер веќе има и од дефанзивецот Боатенг, бекот Рафиња веќе објави дека нема да потпише нов договор, а се најавува и заминување на Бернат и на Руди. Главна задача на управата ќе биде да се задржи Левандовски, за кого сериозно притиска Реал Мадрид, а веќе е јасно ставено до знаење дека нема да си замине Тијаго Алкантара, кого Пеп Гвардиола го бара во Манчестер сити.
Слободниот трансфер на Горецка е веќе договорен, а сега Баерн на идентичен начин се обидува да го доведе и Макс Мејер од Шалке. Како опција за крилната позиција се споменува и Антони Марсијал, а главна желба на баварците во нападот е Пауло Дибала од Јувентус, особено доколку Левандовски се пресели во Мадрид. Договорот на Хамес Родригез со Реал Мадрид ќе биде целосно откупен, во одбраната се најавува офанзива по младиот Де Лигт од Ајакс како замена за Боатенг, а на голот големо засилување ќе биде Мануел Нојер, кој цела сезона ја мина во аут поради повреда.
Како и да е, јасно е дека Баерн повторно ќе има моќен тим подготвен за доминација во Германија, но и за атак на тронот на фудбалска Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА