СЕДМЕРЕЦ: Дерби дилема

Екипа

Дали Вардар е толку надмоќно силен или Металург стана толку очајно немоќен?!

1.Наместо дерби – 19-ка!

Она што некогаш беше големо македонско и балканско ракометно дерби, сега стана само очаен поглед кон семафорот на кој има повеќе разлика отколку голови на „металурзи“?! Вардар и Металург го одиграа првиот дуел од годинашниот плеј-оф. По оние 37-18 веќе нема дилема дека на „црвено-црните“ нема кој да им застане на патот кон уште една шампионска титула. Додуша, немаше ни лани, ама барем имаше каква-таква борба, па дури и една победа во Автокоманда.

Но, петочното дерби отвори една друга дилема што викендов се вртеше низ ракометните кругови – Дали Вардар е толку надмоќно силен или Металург стана толку очајно немоќен?!

Дали на се уште актуелниот вицешампион веќе му „попуштија колената“ по сите оние падни-стани во изминативе четири години битка со кризата, со плати има-нема, со ЛШ на топол оброк, со состав дојди-замини…со Лино на слика, а Јовиќ на клупа?

Поразот од Вардар е најтежок досега. Никогаш досега во „големото дерби“ не било -19. Што е најтрагично, како што се одвиваа работите на терен лесно можеше да биде и -29.

2.Плеј-офот на пола, Битола во офанзива

Некој ќе рече, Вардар е европски шампион, од нив загуби Кил, па не Металург! Држи сето тоа, нормално. Ама, Вардар шампион неделава играше и со Пролет, па победи „само“ со 10 и остана под 30 гола.

И во Пролет кој традиционално е само на „домашен погон“, знаеја дека сигурно ќе изгубат и дека против Вардар нема што да бараат, ама „децата“ се бореа, дури и водеа во првата четвртина, како сатисфакција за себе и за публиката.

Вардар сезонава секако е „светлосни години“ пред сите други во домашното првенство. До лани зад Вардар, но далеку пред другите беше и Металург. Но, годинава приматот на Автокоманда од натпревар во натпревар е веќе на раб. Битола повторно е во тренд, а амбициите на Еурофарм Работник веќе добиваат и конкретен облик. Битолчани веќе му дишат во врат на Металург и сериозно ја меркаат вицешампионската титула, а ништо чудно, и местото во СЕХА лигата.

Плеј-офот е на пола, одлуката по се изгледа ќе паѓа „од та страна“, во Битола.

3.Будимпешта, Келн…па после ќе видиме

На домашен терен на Вардар му броиме букети и голови и се чека она вистинското, настапот на двата Вардар-и на Ф4-ките во ЛШ. Прво Будимпешта, потоа Келн… па после ќе видиме.

Македонија годинава е единствена земја во Европа со претставник во големата четворка во ЛШ, и на женскиот ф4 турнир во Будимпешта и на машкиот Ф4 во Келн. Вардар пак е единствен клуб што сезоната може да ја заврши со два шампионски пехари во европската ракометна елита. И тоа пред најавената „реконструкција“!

Ракометарките се први на потег веќе наредниов викенд. Во Будимпешта се како дома, и тие и ние заедно со оние најверните навивачи со кои веќе петта година по ред во мај сме задолжително на „убавиот син Дунав“. Веќе има традиција тоа одење во Будимпешта по шампионска титула, уште од времето на Кометал Ѓорче Петров. И некоја посебна нишка што не поврзува во мај во Будимпешта.

Сите оние што верно го следат и ЖРК Вардар во изминативе години, веруваа-т дека еден ден повтрно ќе славиме титула во Будимпешта. Четири пати вардарки беа блиску, но не и на подиумот. Лани најблиску, еден гол до пехарот. И секоја година заминувањето од Будимпешта беше со она надежно „здравје, ако не годинава, ќе биде догодина“.

Годинава е малку поинаку. Овој и ваков Вардар догодина ќе го нема.

Сега или никогаш, девојки!

Се вчитува...