Куманово и со значително намален буџет успеа да направи подвиг и да се пласира во кошаркарскиот плејоф. Тренерот Александар Петровиќ реши да им даде шанса на дел од македонските играчи кои немаа доволна минутажа во претходните клубови, а тие пак одговорија со одлични настапи во дресот на кумановци. Адем Мекиќ неколку години ја грееше клупата на МЗТ Скопје, но со добрите игри во Куманово покажа дека станува збор за играч го голем потенцијал, од кого допрва ќе се очекуваат уште подобри партии во кариерата.
„Задоволен сум од последните месеци минати во новиот клуб, од шансата што ја добив. Верувам дека ја оправдав довербата, но знам дека можам уште подобро, тоа ќе го докажам во периодот што следи. Можам да кажам дека атмосферата во тимот е одлична, сите едвај чекаме да почне плејофот. Знаеме против кого играме, Работнички е квалитетна и многу искусна екипа што играше одлично во текот на целата сезона. Нивна најсилна страна е долгата клупа и богатотот икуство, но ние успеавме да ги совладаме еднаш. Куманово сезонава покажа дека може да се носи со секого, очекувам тоа да го потврдиме и во ова полуфинале“ – изјави Мекиќ.
Првиот натпревар од серијата меѓу Работнички и Куманово ќе се игра в среда во „Градски парк“, по што вториот меч е на програмата в сабота во Куманово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА