Стартува второто полуфинале: Работнички е фаворит, Куманово гледа своја шанса

Четиринаесеткратниот македонски кошаркарски првак, Работнички, во оваа сезона е на добар пат да дојде до нов трофеј откако беше уверлив во настапите во текот на целото домашно првнество и како неприкосновен лидер на табелата влезе во разигрувањето за титулата. Претпослeдна пречка на патот кон битките за титулата, за Работнички е Куманово, а првиот меч од оваа полуфинална серија ќе се игра денеска со почеток во 19 часот во салата „Градски парк“.

Во оваа сезона, во петте меѓусебни дуели, Работнички има четири победи. Славеше на првата пресметка сезонава по продолженија, потоа следуваа два сигурни триумфи на скопскиот состав, еден во првенството и уште еден во купот. Единствената победа, Куманово ја забележа во воведната пресметка од Суперлигата, а потоа Работнички додје до четвртиот тирумф во финишот од лигашкиот дел од сезоната.

„Нормално дека ќе одиме на победа. Работнички е фаворит, но Куманово никако не смее да биде потценет, затоа што е состав кој во текот на сезоната ни правеше проблеми и нам и на МЗТ и на Блокотехна. Тие сосема заслужено се меѓу најдобрите четири екипи сезонава. Ние мора да бидеме фокусирани и со максимален напор да ја обезбедиме победата на почетокот од полуфиналето. Не ми прави голема разлика дали ќе минеме по три одиграни средби или серијата ќе трае нешто подолго. Куманово е сериозен противник на негов терен. Нам сепак ни е најважно да бидеме финалисти“ – вели пред стартот на полуфиналната серија, предводникот на Работнички, Марин Докузовски. 

Куманово во текот на сезоната им пркосеше на фаворитите за највисок пласман. Финалистот од пред две сезони и овојпат ќе се обиде да му ја отежни работата на Работнички.

„Знаеме дека Работнички е фаворит, но тоа не значи дека ние ќе се предадеме. За мене како тренер е најважно да изгледаме добро на кошаркарски план, да играме максимално ангажирано во одбраната и сконцентрирано во нападот. Свесни сме за квалитетот на противникот, но Куманово нема предвреме да се откаже, ќе настојуваме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже“ – изјави тренерот на кумановци, Александар Петровиќ.

Во другата  полуфинална серија, актуелниот шампион, МЗТ Скопје Аеродром поведе со 1-0 против Блокотехна откако го доби првиот меч на свој терен. Втората пресметка е в петок, домаќин ќе биде Блокотехна.

Се вчитува...