Големото битолско ракометно дерби меѓу Пелистер и Работник повторно заврши со триумф на „фармацевтите“ (27-29), кои почнаа да им набиваат комплекс на „пелистерци“ со третата победа во низа во оваа 2018 година. Мечот донесе одличен ракомет, голем пресврт во второто полувреме и огромна битка, во која на крајот како поуспешни излегоа избраниците на тренерот Темелковски, кој ја доби тактичката пресметка со Томче Петрески.
Првото полувреме мина целосно во знакот на Пелистер, „зелените“ го контролираа резултатот поведувајќи со 2-0, потоа со 5-2 и 10-5. Ракометарите на Работник пред крајот на полувремето се консолидираа и успеаја да намалат на 15-12. Одличен во ова прво полувреме беше Јагуриновски, кој постигна дури седум гола за Пелистер за 30 минути игра.
Одбраната на Работник функционираше одлично на стартот од вториот дел, Пелистер осум минути не можеше да постигне гол, а гостите го искористија тоа и поведоа со 15-16. Орјоникидзе ги постигна првите два гола за „пелистерци“ во второто полувреме, но Работник на спротивната страна го имаше расположениот Мскхивилидзе, кој постигна три погодоци во првите десет минути од вториот дел. Домашниот тим беше во шок од ваквиот развој на настаните, па гостите набрзина стигнаа до 18-22. Пред самиот крај Пелистер се приближи на 26-27, но Кузманоски и Граџан ставија крај на дилемите околу победникот на овој интересен дерби-дуел, што заврши со конечни 27-29.
Граџан со седум и Дрогришки со шест гола беа први стрелци на победничката екипа, додека најзабележителни во таборот на Пелистер при денешниот пораз беа Јагуриновски со седум и Орјоникидзе со шест постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА