Металург го истури бесот врз Пролет

Металург експресно се рехабилитираше од убедливиот пораз од Вардар, па вечерва со одличен натпревар славеше на гостувањето против Пролет со резултат 26-38. Екипата на Пролет играше солидно во досегашниот дел од плејофот, но немаше сили за изненадување против актуелниот вицешампион, од кого претходно беше елиминирана и од Купот на Македонија.

Уште од самиот почеток стана јасно кој ќе го диктира темпото, гостите набрзина поведоа со 1-4, потоа и со 7-11, а предводени од капитенот Филип Кузмановски на одмор заминаа со предност од 13-17. Пролет во вториот дел парираше до 16-21, за потоа Металург да постигне пет гола во низа, да стигне до двоцифрена позитива и на крајот да триумфира со убедливи 12 гола разлика.

Кузмановски беше во главна улога со 11 гола, седум постигна Димитриоски, а најдобри стрелци во редовите на Пролет беа Андоновски со седум и Манасков со шест погодоци.

Се вчитува...