Булатовиќ во Будимпешта како Лазаров во Келн

Противникот на Вардар во полуфиналенто од Лигата на шампионите, Ростов Дон е единствениот дебитант на годинашниот Ф4 турнир во Будимпешта, но рускиот тим во своите редови ја има најтрофејната ракометарка – десниот бек Катарина Булатовиќ. Нешто слично како дебитантот Нант и Кире Лазаров кој на Ф4 турнирот во Келн досега има пет настапи со три различни клуба и една шампионска титула со Барселона.

Булатовиќ пак, досега има освоено четири титули во Лигата на шампионите со три различни клуба. На Ф4 турнирот во Будимпешта, црногорската репрезентативка освои две  титули со тимот на Будуќност (2012, 2015) и една со Ѓер (2014). Додека, првата шампионска титула, левораката ракометарка ја прослави со данскиот Шлагелсе во 2007 година кога финалето во ЛШ се играше по стариот формат.

По три шампионски титули имаат Анита Горбиц и Едуарда Аморим со Ѓер, а по две титули во ЛШ имаат освоено Мајда Мехмедовиќ и Драгана Цвијиќ во 2012 и 2015 со Будуќност. И двете годинава имаат шанса во колекцијата да ја додадат третата титула, Цвијиќ со Вардар, а Мехмедовиќ со ЧСМ Букурешт. Горбиц и Аморим пак може да ја стигнат Булатовиќ со четири титули доколку Ѓер успее да ја одбрани европската круна.

Се вчитува...