Одбојкарките на Јанта Волеј вечерва од 20 часот во спортската сала „Независна Македонија“ во Кисела Вода се соочуваат со екипата на Куманово во четвртиот натпревар од финалната серија во битката за шампионската титула. Со оглед на водството од 2-1 во серијата, со триумф вечерва во Скопје, ОК Јанта Волеј и дефинитивно ќе ја освојат шампионската круна за сезоната 2017/2018.
Пред само два дена, во третиот меч од финалето, Јанта Волеј славеше во Куманово со 0-3 (23-25,13-25 и 27-29) со што се доведе во ситуација на свој терен вечерва да ја прослави шампионската титула!
„Веруваме дека вечерва ќе ја прославиме титулата во сениорска конкуренција поради што ги повикуваме сите наши поддржувачи и љубители на одбојката вечерва во салата ‘Независна Македонија’. Покрај ова, сакам да истакнам дека ние сме единствена екипа која учествува на сите финални натпревари во сите конкуренции. Нашите младинки освоија бронза, а сениорките се борат за злато. Воедно, пионерките на 19. мај го играат финален натпревар во Струмица, додека кадетките на 20. мај исто така играат финален натпревар на домашен терен, во спортската сала „Независна Македонија“. Верувам дека во сите категории тимот од Кисела Вода ќе се закити со пехари и медали. Мора да нагласам дека за нашиот успех многу сме благодарни на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и одделението за спорт кои ни овозможија идеални услови за работа како би стигнале до успесите оваа сезона“ – вели тренерот на ЖОК Јанта Волеј, Горан Јаневиќ – Јанта.
Влезот за денешниот четврти натпревар од финалето во женскиот плеј-оф за одбојкарската титула кој почнува од 20 часот во спортската сала „Независна Македонија“ ќе биде бесплатен.
Комерцијално видео
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА