Без право на грешка и со желба повторно да дојдат до водство во полуфиналната серија од плејофот, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе ја пречекаат Блокотехна (18 часот) пред домашна публика. Сино-белите го добија првиот меч на домашен терен, а потоа не успеаја да направат „брејк“ во првото гостување во салата во Негорци, поради што избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов влегуваат со огромен императив повторно да го преземат водството.
Српскиот интернационалец Андрија Бојиќ смета дека одбраната ќе биде клучниот елемент за триумф на вечерашната трета пресметка.
„Мора да одиграме многу подобро во одбраната, тоа е клучот за евентуална победа во вечерашниот дуел со Блокотехна. Верувам ќе покажеме дека големиот број примени поени во Гевгелија биле само плод на лош ден и дека знаеме и можеме да одиграме многу поквалитетна дефанзива. Важна ќе биде и поддршката од трибините, верувам дека нашите навивачи ќе го препознаат моментот и ќе дојдат да ни помогнат заеднички да се радуваме на крајот“, изјави Андрија Бојиќ за официјалниот сајт на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА