Луис Хамилтон забележа нова победа во Ф1 шампионатот, овојпат на трката за ГН на Шпанија што се возеше на патеката крај Барселона. Британецот имаше одличен викенд во каталонската престолнина заедно со целиот тим на Мерцедес, двата болиди делуваа импресивно, па откако стартуваа како прв и втор на почетокот од трката, со идентичен распоред завршија и на самиот крај – Хамилтон триумфираше пред Валтери Ботас.
Себастијан Фетел на самиот старт го мина Ботас, но на Германецот наскоро му стана јасно дека нема никакви шанси да го стигне Хамилтон, кој во стартните кругови неколку пати остваруваше најдобро време од сите на патеката. Ферари се соочи со нов проблем поради откажувањето на Кими Раиконен во 28. круг, а Фетел во меѓувреме падна на петтата позиција. Германецот се обидуваше пред крајот да го стигне Ферстапен за место на подиумот, не успеа во тоа, па младиот возач на Ред бул се најде на третата позиција, зад Хамилтон и Ботас.
Покрај Фетел, кој заврши на четвртата позиција, до бодови на оваа трка стигнаа и Рикиардо, Магнусен, Саинц, Алонсо, Перез и Леклерк.
Хамилтон со оваа победа си ја зголеми и предноста во генералниот пласман, па во моментов има 95 бода, 17 повеќе од второпласираниот Фетел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА