Драгана Цвијиќ пристигна во Скопје како завршна коцка од шампионскиот мозаик. За жал, екс-ракометарката на Будуќност не се израдува на европска круна и со „вардарки“, набрзо по нејзиното доаѓање станаа очигледни финансиските проблеми на клубот, таа настојуваше да го одржи позитивниот дух со напорна работа, но на крајот исто како и сите останати беше видно разочарана по несреќниот пораз од Ѓер во големото финале.
„Ова беше многу тешка средба, игравме одлично, јас сум горда на начинот на кој игравме цела сезона. Искрено жалам што не стигнавме до трофејот, мислам дека го заслуживме многу повеќе и од Ѓер и од сите останати екипи. Во спортот некогаш е потребна и среќа, таа денеска не беше на нашата страна. Жал ми е што следната сезона нема да можам со Вардар да атакувам на трофејот, знаете дека дојдов овде за да станам европска шампионка со Вардар, тоа ни ми се оствари. Догодина ќе дојдам овде со Букурешт и ќе сторам се за повторно да се закитам со трофејот. Секогаш е тешко да се игра во Будимпешта против Ѓер, со осум-девет илјади навивачи кои навиваат во нивна корист. Ќе беше убаво да видевме како ќе изгледаше да се играше едно вакво финале во Скопје. Многу ми е жал за сите овие девојки, што не успеавме да го освоиме пехарот, но тоа е спортот, еден ден паѓаш, другиот ден стануваш“ – изјави Цвијиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА