Работнички пред финале, Куманово за чест

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, Работнички е на одличен пат да обезбеди пласман во финалето од домашниот шампионат по пауза од четири сезони. Води со 2-0 во полуфиналната серија со Куманово, а вечерва на домашен паркет (19 часот) ја брка третата победа која би му обезбедила место во битката за трофејот.

„Веќе водиме со 2-0 и сме многу блиску до финалето. Сите веќе не гледаат како финалисти, но мора да се каже дека и покрај тоа што претходните два дуела го добивме со над десет поени разлика, моравме да одиграме максимално и во одбрана и во напад. Куманово не е тим за потценување. На оваа средба најважен ќе биде пристапот. Ние мора да бидеме максимално фокусирани и да одиграме на највисоко ниво. Никако не смееме да дозволиме опуштање“, вели тренерот на Работнички, Марин Докузовски.   

Во Куманово се свесни за ситуацијата во која што се наоѓаат. Се надеваат на квалитетно издание кое ќе ги прикаже во најдобро светло.

„По двата порази на гости и на домашен терен тешко е да се очекува дека можеме да стигнеме до победа во третиот натпревар во „Градски Парк“. Наша цел е да дадеме се од себе и да ги потврдиме добрите игри од целата сезона. Игравме најубава кошарка во Суперлигата и ги победивме сите вклучувајќи го и Работнички. Знаејќи го тоа на вечерашниот натпревар ќе излеземе да одиграме чесно и храбро“ – искрен е во очекувањата кошаркарот на Куманово, Бобан Стајиќ.

Во втората полуфинална серија, бранителот на титулата, МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2-1 против Блокотехна откако славеше во дуелот број три на домашен терен. Четвртиот натпревар е закажан за утре во Гевгелија.

 

Се вчитува...