Иднината на Мауро Икарди е во Интер и „нероаѕурите“ ќе сторат се за да го задржат својот најдобар напаѓач на „Џузепе Меаца“. Ова е пораката што вечерва ја испрати спортскиот директор Пјеро Аусилио, одговарајќи на шпекулациите дека Икарди е несреќен во Интер по критиките што беа упатувани на негова адреса во последните два месеци.
„Имаме уште три години од актуелниот договор со Мауро и разговараме за продолжување. Тој останува со нас, без разлика дали ќе се пласираме во ЛШ или не, бидејќи планот на нашиот клуб е тимот да се гради околу Икарди. Точно е дека постои клаузула од 110 милиони евра, но таа е со краток рок и важи само за клубови надвор од Италија“ – изјави Аусилио.
Воедно, тој потврди дека е договорено доаѓањето на Де Врај, кој ќе пристигне во Милано како слободен играч, по истекот на неговиот договор со Лацио.
„Уште во март го информиравме Лацио дека имаме договор со Де Врај, од кого очекуваме да биде лидер на нашата одбрана во наредната сезона“ – порача директорот на Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

