Ракометарите на Вардар го добија денешниот натпревар против Пролет со убедливи 38-25, што беше доволно за „црвено-црните“ по девет кола од плејофот да ја одбранат шампионската титула. Фаворитската улога оваа сезона беше оправдана уште полесно од претходните години, со оглед на фактот дека Металург ремизираше на гостувањето против Работник, па последното коло и дербито во Автокоманда нема да имаат никакво значење врз шампионската трка.
Денешниот дуел со Пролет беше израмнет само во првите десетина минути, во кои по израмнетите 6-6 домаќините влегоа во ритам, на полувреме водеа со 16-13, за во вториот дел целосно да го скршат отпорот на градскиот ривал и да стигнат до победата која значи шампионски трофеј, вкупно 12. во клупската историја.
Карачиќ постигна осум, а Циндриќ седум погодоци за „црвено-црните“, додека кај Пролет најефикасен при денешниот пораз беше Мартин Манасков со пет гола.
Вардар претстојниот викенд го очекува одбрана на трофејот во Купот на Македонија, на завршниот турнир што ќе се одржи во Битола, по што на 26 и 27 мај е најголемиот предизвик за „црвено-црните“, фајналфор турнирот од Лигата на шампионите во Келн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА