Џанлуиџи Буфон ќе стави крај на 17-годишната соработка со Јувентус, објави денеска легендарниот голман на прес-конференција во Торино. Веќе подолго време се шпекулираше околу иднината на 40-годишниот чувар на мрежата, кој не објави завршување на кариерата, туку само разделба од „старата дама“.
„Во следните денови ќе ја донесам конечната одлука. Можам да кажам дека најдобрата понуда за функција надвор од теренот ја добив од претседателот на Јувентус. Немам потреба да брзам, ќе размислам добро, па ќе решам што понатаму“ – изјави Буфон, кој доби понуди од неколку клубови ширум Европа, но и од САД, Катар и од Кина.
Тој јавно им се заблагодари на сите во таборот на Јувентус за беспрекорната година во сите овие години.
„Сакам да му се заблагодарам на семејството Јувентус. Во 2001 година потпишаа голем талент, а благодарение на овој клуб талентот се претвори во шампион. Ми овозможија да чекорам напред, со победнички менталитет. Се уште сум тука на 40 години и можам да продолжам на исто ниво, сето тоа е благодарение на Јуве, чиј пристап во работата е сосема поинаков од сите останати клубови во светот. Мојот страв беше дека крајот на оваа авантура ќе биде со впечаток на јавноста дека сум потрошен, дека веќе сум далеку од посакуваното ниво. Тоа не се случи, затоа верувам дека сега е вистинскиот момент да се каже збогум на овој клуб“ – порача Џанлуиџи Буфон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА