СТОП за „Фемили“: Работнички не ги сака навивачите на МЗТ на финалните натпревари за титулата!

И покрај притисоците од сопствената навивачка група „Сити парк бојс“, раководството на Работнички одлучи да не дозволи присуство на гостинските навивачи „Фемили Аеродром“ на финалните натпревари во битката за шампионската титула која стартува в недела.

Од Работнички преку соопштение информираат за причините за ваквата одлука:

Сакаме да ја информираме спортската јавност дека управата на КК Работнички АД Скопје донесе одлука со која на претстојните натпревари од финалната фаза нема да прифати организирана гостинска навивачка група.

Оваа постапка не ја покренуваме заради некаква скриена намера, туку, поради последните случувања во салата „Градски Парк“ каде беше настанат прекин поради фрлање на тврди предмети, плукање и недолично однесување. Инцидентот дојде токму од трибината каде беше сместена гостинската навивачка група, а клубот беше парично казнет и натпреварот се доигра следниот ден без публика.

И покрај притисоците и напорите од нашата навивачката група City Park Boys за да има присуство на гостински организирани навивачи, управата на КК Работнички АД Скопје сепак одлучи дека не е во можност да преземе таков ризик во оваа фаза од натпреварувањето бидејќи во дописот кој го добивме денеска од страна на МКФ јасно е дефинирано дека за секој евентуален прекршок (прекин), ќе бидат применети соодветни мерки (казни) од пропозициите за натпреварување. Тоа би можело да значи и одигрување на следниот натпревар без публика, што на КК Работнички АД Скопје во овој момент не му одговара.

Свесни сме за капацитетот и условите кои ги нуди салата „Градски Парк“ и затоа за нас ова е единствено решение за да може на достоинствен начин и без можни провокации и прекини да заврши се во најдобар ред.

Во интерес на спортот и кошарката се надеваме дека ќе наидеме на разбирање за оваа наша одлука од страна на двете навивачки групи.

Спортски поздрав,

КК Работнички АД Скопје

Се вчитува...