Сосема очекувано Вардар е првиот финалист во Купот на Македонија кој викендов се игра во спортската сала „Младост“ во Битола. Во првата полуфинална пресметка „вардарци“ повеќе од убедливо со 46-27 (20-12) славеа против домашниот Пелистер.
Од самиот почеток на мечот јасно беше дека избраниците на Раул Гонзалес нема да остават ништо на случајот. Од стартот се тргна агресивно, иако пелистерци почнаа и со два гола предност на почетокот. Но, Вардар брзо заигра онака како што знае, па на полувремето „вардарци“ имаа осум гола предност.
Во второто полувреме европскиот шампион беше уште поубедлив. Во веќе отворен ракомет со многу повеќе голови, разликата на „црвено-црните“ постојано се зголемуваше за на крајот да се заокружи со триумф од 46-27.
Најефикасни во победничкиот тим беа Марсениќ и Македа со по 8 гола, додека кај Пелистер со пет гола најдобар беше Јагуриновски, а четири гола запиша Ратајковски.
Во второто полуфинале од 19:15 часот ќе се соочат Металург и Еурофарм Работник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА