Вардар и Металург ќе играат во финалето за титулата во Купот на Македонија. „Металурзи“ му се придружија на бранителот на титулата откако славеа победа против Еурофарм Работник со 21-28 во второто полуфинале во завршницата од Купот што се игра во салата „Младост“ во Битола. Претходно Вардар славеше против Пелистер (46-27).
Се очекуваше многу подинамичен и понеизвесен дуел во второто полуфинале, но „металурзи“ уште во седмата минута се одлепија на 3-6 и без поголем проблем ја одржуваше предноста. Еурофарм Работник се обидуваше да задржи чекор во играта, но битолчани тешко доаѓаа до реализиација. А, Металург успешно ги казнуваше грешките на протиовникот. Со серија од 3-0 на средината од првиот дел „металурзи“ зголемија на 7-11, а на шест минути пред крај на полувремето Халил Јагањац го однесе Металург на +5 (9-14). На одмор „металурзи“ заминаа со предност од 11-15.
Во исто темпо продолжи и второто полувреме од овој полуфинален дуел во Купот на Македонија. Избраниците на тренерот Илија Темелковски успеаја да намалат на 14-16, но тоа беше и максимумот на Еурофарм Работник во оваа пресметка. Мартин Томовски беше сигурен на голот на Металург и внесе дополнителна сигурност во играта на скопскиот состав. Со пет гола во серија, „металурзи“ во 42.минута ја зголемија предноста на 14-20.
Со шест гола предност Металург влезе и во последната четвртина (15-21) и ја задржа контролата на играта и на резултатот и во завршните 15 минути. Мартин Томовски беше во елемент во завршницата, а Металург и заслужено славеше победа за финале со конечните 21-28.
Најефикасен во триумфот на Металург беа Филип Кузмановски со пет гола , а одлична партија на голот на „металурзи“ имаше Мартин Томовски со фантастични 20 одбрани. Кај Еурофарм Работник листата на стрелците ја предводеше Стефан Дрогришки со осум погодоци.
Финалето од Купот на Македонија се игра утре со почеток во 16.30 часот во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА