Кошаркарите на Фенербахче се првите финалисти на фајналфор турнирот од Евролигата, откако вечерва во Белград славеа над Жалгирис со резултат 76-67, ставајќи крај на надежите на противникот за „бајка“ во елитното европско натпреварување. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека Фенербахче од почеток до крај го контролираше резултатот, а Жељко Обрадовиќ ја доби битката со својот поранешен „ученик“ Шарунас Јасикевичиус.
Фенербахче го стартуваше натпреварот со фанатична одбрана, извонредно затворајќи го просторот под сопствениот кош. Жалгирис во првите пет минути имаше само еден единствен поен (7-1), а првиот шут од поле литванскиот тим го погоди дури во шестата минута преку Пангос. Актуелниот европски првак го контролираше темпото на мечот и ја заврши четвртината со водство од 19-13, за кон средината од вториот период да стигне и до првата двоцифрена позитива (36-26).
Жалгирис намали на 39-33 до крајот на полувремето, но Фенербахче тргна фуриозно на стартот од вториот дел, стигнувајќи и до најубедливи 50-37. Литванците не се откажаа, експресно постигнаа две тројки преку Улановас и Тупане, потоа ја продолжија серијата, па во 29. минута резултатот гласеше 50-48. Во вистински момент за Фенербахче се разбуди Диксон, кој постигна десет поени во првите четири минути од последната четвртина, па предноста на турскиот гигант повторно стана двоцифрена (76-64). Кошаркарите на Жалгирис само за момент го запреа налетот на Фенер, за европскиот првак искусно со цврста игра во одбраната да го приведе мечот до крај, до конечните 76-67.
Боби Диксон беше најефикасен со 19 поени, Датоме постигна 16, а Слукас 14 за победничкиот тим, додека кај Жалгирис најдобри поединци беа Пангос со 16 поени и Дејвис со дабл-дабл од 12 поени и 11 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА