Реал Мадрид е тимот што ќе се сретне со Фенербахче во неделното финале од Евролигата, во обид да го симне турскиот гигант од тронот на европската клупска кошарка. „Кралевите“ вечерва во фантастичен меч го совладаа тимот на ЦСКА Москва (92-83), втора година по ред елиминирајќи го фаворитот од Русија уште во полуфиналето од овие фајналфор турнири.
Русите тргнаа фуриозно, поведоа со 15-9 во раната фаза од мечот, за со тројката на Клибурн да ја завршат стартната четвртина со водство од 30-20. Реал се разбуди на самиот почеток од втората четвртина, во кој „кралевите“ одиграа импресивно и за помалку од три минути го свртеа резултатот во своја полза, поведувајќи со 32-34 со тројката на Љуљ. Двата тима продолжија со ефикасна игра во нападот до крајот на полувремето, па на одмор се замина со минимално водство на ЦСКА од 46-47. Рускиот состав сепак не успеа да го издржи темпото, целосно потфрлувајќи во нападот во третата четвртина во која избраниците на Итудис постигнаа само десет поени. Реал во последниот период имаше и двоцифрена разлика, ЦСКА успеа да се приближи до „минус три“, но Љуљ ја постигна клучната тројка со која шпанскиот гигант повторно се одлепи и на крајот стигна до убедлива победа.
Серхио Љуљ и Лука Дончиќ беа најзаслужните за големата победа со по 16 поени, исто толку кај ЦСКА имаа Клибурн и Хајнс, додека најефикасен на натпреварот беше Нандо де Коло со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА