Парма се враќа во Серија А, Трајковски и Несторовски ќе играат бараж

Парма испиша историја на италијанскиот фудбал откако поранешниот гигант успеа да обезбеди враќање во елитното друштво, со денешната победа над Специја од 0-2 и ремито на Фросиноне против Фоџа (2-2). Тимот што освојуваше европски трофеи испадна во најнизок ранг на натпреварување откако беше прогласен банкрот, но Парма застана на здрави нозе, трета сезона по ред обезбедуваше промоција, па од август повторно ќе биде дел од елитното италијанско фудбалско друштво.

За тоа фудбалерите на Парма ќе бидат вечно благодарни на Фоџа, тимот кој го изненади Фросиноне и овозможи Парма да скокне на второто место на табелата кое значи и автоматска промоција. Фросиноне до 89. минута имаше водство од 2-1, но Флориано постигна погодок во самиот финиш од кој повеќе се израдуваа навивачите на Парма отколку оние на Фоџа, со оглед на фактот дека овој меч немаше поголемо резултатско значење за гостинот.

Двајцата македонски репрезентативци, Александар Трајковски и Илија Несторовски со Палермо ќе играат бараж за влез во Серија А. Сицилијанците вечерва славеа со 0-2 на гостувањето против Салернитана, Трајковски беше стартер, но и покрај триумфот останаа на четвртата позиција. Први ривал на Палермо во баражот ќе биде подобриот од дуелот Венеција – Перуџа.

Се вчитува...